Nulta.mk Logo

100% ИН & АУТ

In

1. УЧИЛИШТА ЗА ГОТВЕЊЕ И КУЛИНАРСКИ ШКОЛИ

Сите можни начини да се зачува македонската кујна, да се промовираат што повеќе домашни готвачи и книги за готвење, оние што организираат часови за готвење каде што секој може да се запознае со интернационални кујни. Часови за готвење за деца од разни возрасти, кулинарската школа FJ, угостителските училишта од кои излегува кулинарски образован кадар за работа во ресторани.

2. БРЕНДОТ TWINSET

Затоа што произведуваат мали серии облека, затоа што не користат детски труд, затоа што не придонесуваат за загадување на средината со отпад од текстилната индустрија, затоа што внимаваат на излогот и го почитуваат купувачот со моделот и квалитетот.

3. МОЛИВИТЕ И БОИЦИТЕ STAEDTLER

Имаат една фантастична палета на призводи, бои и пакувања, за деца и возрасни, вистинска радост за да им ја вратат на луѓето желбата за цртање, боење, пишување со молив, користење графички моливи. И се‘ друго.

4. SLOW FOOD

Ја одржуваат заедно онаа група ентузијасти што се' уште сакаат да готват, произведуваат органска храна, поврзани се со саеми, им значи задржување на традиционалните рецепти, не прават сурогат храна со сурогат состојки, се трудат да ја промовираат нашата кујна и производи во светот.

5. КНИЖАРНИЦИ И ИЗДАВАЧКИ КУЌИ

Неопходни, потребни како храна, упорни да го печатат и чуваат пишаниот збор, меѓу ретките места каде што се' уште се чита, прилагодени на времето, со добар избор на книги и начин на промовирање. И во нивните кафетерии може да се чита и да им се понудат книги на децата. Наместо да гледаат во екраните на телефоните.

6. НОВОГОДИШНИ СВЕЌИ

Најубавата новогодишна свеќа е џинџербред ароматичната свеќа во Зара Хоум Аромата ја има во повеќе разни верзии, дури и како стапчиња или миризливи стапчиња што е прекрасен новогодишен подарок. Плус, пакувањето е во бордо бојата на сезоната!

7. КАТАРИНА ИВАНОВСКА

Нејзините модни едиторијали останаа без конкуренција и на светско ниво, исклучително талентирана да го претстави она што треба да се носи, да го направи ексклузивно и модерно, како во нејзината последна фото сесија за чантите и аксесоарите на Дуки Дасо.

8. САДОВИТЕ НА ‘МЕТАЛЕЦ‘

Ниту еден сад за готвење не е толку убав како садовите за готвење на српски ‘Металец‘. Кој и да ја смислува нивната идеја за разни видови садови има исклучителна фантазија. Речиси секој сад е со порака и убаво дизајниран, толку, што може да послужи како украс во кујната. Не недостасува ниту квалитетот и изборот.

9. КАРЕС

Се претвори во место каде што може да се купат разни нешта, со оглед на оскудната понуда во продавниците на разни убави и квалитетни ситници, па се до совршени сервиси и детали за дома и за канцеларија, за деца и возрасни. Убаво уредени продавници со имагинација и нешта што никаде на друго место во градот не може да се купат. Нивниот новогодишен избор е исто така посебен.

Out

1. НАШИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Ќе бидат во оваа графа се‘ додека ги имаат сите привилегии, државни автомобили, мензи со евтина храна, дневници, многупати поголеми плати од обичните граѓани, се‘ додека оваа професија не стане како и секоја друга, се‘ додека не се вреднувани според резултатите, додека се недопирливи и партиски заштитени и поставени. Ќе бидат АУТ се‘ додека не ги трпат санкциите на сиромашната држава како и секој друг и немаат стандард каков што успеале самите да го издејствуваат, согласно својата лоша политика и коруптивното однесување.

2. СКОПЈЕ

Град кој остана само територија со која секоја власт се однесува како да им е дневната соба, со една рака рушат со друга го градат она што само не се срушило, град лавиринт во кој исчезнуваат и никој не се грижи за култните места според кои градот се препознава, поделен град од оваа и онаа страна на Вардар, загаден, неуреден, со згради врз згради, зараснат во трева таму каде што трева не смее да има и обратно, со уништена инфраструктура, култура и гастрономија.

3. ДАНЕЛА

Излезе дека Скопје нема среќа ниту со татковци ниту со мајки.

4. СЕКОЈДНЕВЕН ВОКАБУЛАР

Сиромашен, извитоперен, со постојана употреба на ‘истиот‘, ‘истите‘, ‘секој еден‘, ‘час поскоро‘ и слични кованици што од јазикот прават новоговор соодветен на времето во кое живееме, сиромашно со радост, желба за учење и читање, освен ако благодарение на тоа не се доаѓа до некој профит. Се создадоа луѓе кои имаат факултет, а немаат средно школо.

5. УЛИЦА МАКЕДОНИЈА

Главната улица во главниот град што треба да биде лицето на градот, а од нејзините згради паѓаат фасади, објекти со историско значење се руинираат, со години стојат заштитни метални огради на објекти што исто толку долго се градат, кафеанџиите се шират според врските, мириса на канализација, нема ниту едно обележје ниту убава слика, освен погледот кон остатокот од старата Железничка станица.

6. ИЗЛОЗИ

Никој не се грижи за излозите на продавниците. Нема дизајнери на излози, ниту сезонски промени освен со наредена облека на кукли. Продавачите на чевли ќе речат дека ако не се чевлите врз кутиите без било каков луксузен изглед, купувачот нема да влезе зашто му делуваат скапо.

7. ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДАЛЕЧИНСКО УПРАВУВАЊЕ

Никој не ги знае, рекламираат контејнери, не се симбол на градот што го владеат, никој не им ги знае кабинетите, партиски луѓе поддржани од партиските водачи. Какви се тие, такви им се и општините.

8. ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИЦИ

Тие што велат дека во Охрид треба да се гради елитен туризам, зашто сега имале туристи што ‘не трошат‘.

9. 35 ФОТОГРАФИИ НА ФЕЈСБУК

На пример тоа е профилот на Министерот за одбрана Мисајловски: на пример еден пост од саем на оружје и 35 слики. Од него, поздравувањето и оружјето.